Прилеп, Македонија – 27 мај 2024 година – Здружението за одржлив просперитет „АРЕТЕ“ во партнерство со Општина Прилеп го објавува почнувањето на „Prilep Living Lab“, како дел од проектот FEAST (системи за храна кои поддржуваат транзиција кон здрава и одржлива исхрана). На 28-29 мај 2024 година, приближно 150 членови на персоналот во градинката „Наша иднина“, вклучувајќи негуватели, воспитувачи, вработени во кујна и администрација, ќе учествуваат на работилница фокусирана на промовирање здрава и одржлива исхрана за децата од предучилишна возраст.

Оваа работилница е резултат на соработката помеѓу Министерството за труд и социјала, УНИЦЕФ, Едуланд и Здружението за одржлив просперитет (како дел од конзорциумот FEAST), кои заеднички работеа на развивање модули за нутриционистичка педагогија во рамките на проект „Градење здрави навики за исхрана кај децата од предучилишна возраст“.
Обуката „Градење здрави навики за исхрана кај децата од предучилишна возраст“ е клучна компонента на FEAST, петгодишен проект финансиран од програмата на ЕУ Хоризонт Европа и координиран од Универзитетот Хајделберг. Проектот вклучува 35 партнери од 15 европски земји и има за цел да одговори на итни предизвици со кои се соочуваат европските граѓани во пристапот до хранлива и здрава храна. Преку мрежа на лаборатории – Living Labs, вклучувајќи општини кои директно претставуваат околу 3,35 милиони граѓани, FEAST се обидува да поттикне позитивни промени низ синџирот на вредност на храната.

Овој проект претставува клучен чекор во градењето здрави и одржливи системи за исхрана. Со зајакнување на знаењата и вештините на персоналот во градинките за поттикнување здрави навики во исхраната кај децата, проектните цели се усогласуваат со пошироките цели на FEAST, промовирајќи синергија меѓу луѓето, планетата, јавниот и приватниот сектор.
